Илјада евра минимална плата, двојно поголемо производство, целосна роботизација и примена на вештачка интелигенција. Ова се амбициите со кои охридската компанија АСП ПАК влегува во нова инвестициска етапа, со цел како еден од петте водечки светски производители во својата индустрија да се искачи на самиот врв. Со поставувањето на камен-темелникот на новиот производствен комплекс, семејната компанија најавува трансформација која треба да ја промени не само нејзината производствена моќ, туку и начинот на кој ќе функционира во следните децении.
„Нашите цели се конкретни: минимална плата со завршување на овој проект од илјада евра, нето плата, а просечна плата помеѓу 1.500 и 2.000 евра. Сто проценти квалитет, преполовени рокови за испорака и двојно поголем производствен капацитет. Со сето ова излегуваме од нашата комфорна зона со цел да обезбедиме иднина за наредните децении и да излеземе од просечноста, да станеме натпросечни. Денес, според нашите проценки, АСП ПАК е меѓу петте водечки компании во светот во нашата индустрија. Со овој проект верувам дека имаме можност да станеме број еден во светот“, вели Кирил Спасески, сопственик на АСП ПАК.
Проектот доби поддршка од Владата преку договор за стратешко партнерство. За менаџментот, тоа не е само финансиска помош, туку и признание за досегашните резултати, но и обврска новите услови да се претворат во конкретни економски ефекти.
„Ние како Влада сме партнери, ќе го поддржиме, се разбира, овој инвестициски проект, затоа што веруваме дека има голема додадена вредност. И на тој начин само ќе се потрудиме заедно со инвеститорот дополнително да ја потврдиме лидерската позиција во светски рамки. Инаку, она што за мене како претседател на Владата, но и како професор, посебно претставува задоволство е тоа што оваа линија ќе биде комплетно роботизирана, ќе се користат апликации на вештачка интелигенција, нешто што претставува современа технологија, врвна технологија“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Новата фабрика нема да биде само поголема, туку и технолошки понапредна. Владата, како и локалната самоуправа, во овој проект гледа инвестиција со висока додадена вредност и пример за насоката во која треба да се развива современото македонско стопанство.
„Егзистирањето и развојот на општините во современи услови не може да се замисли без силен и одржлив локален економски развој. Создавањето на поволна деловна клима, поттикнувањето на инвестициите, поддршката на домашното стопанство и отворањето на нови работни места се важни предуслови за економски просперитет на локалната заедница, но и подобри перспективи за граѓаните. Токму затоа ми претставува особена чест и задоволство што денес присуствуваме на почетокот на една нова развојна приказна која има значење за економската иднина на Охрид“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Колку е значајна оваа инвестиција за компанијата, покажува и фактот што зад неа стојат долгогодишни меѓународни партнерства. Довербата не се гради преку ноќ, туку низ години соработка, исполнети очекувања и заедничко надминување на пазарните предизвици.
„Низ годините, нашите две компании изградија силна и долгорочна соработка. Во АСП ПАК најдовме партнер кој ги разбира нашите потреби и кој доследно ги исполнува нашите очекувања, од година во година. Во изминатите 20 години заедно растевме, се развивавме и градевме цврсто и трајно партнерство“, вели Руди Медар Чарлс ван Хазберг, партнер од Белгија.
„Ние сме семејство. Во нашиот јазик, бројот 18 се поврзува со збор што значи живот, а токму тоа е темелот на нашето постоење. Заеднички ги надминавме пазарните предизвици, силната конкуренција и постојано работиме на подобрување на квалитетот на производите, но и на градење човечки и искрени односи. Ви посакуваме многу успех, продолжување на растот и развојот на фабриката, како и унапредување на производите кон нови успеси и достигнувања“, вели Боаз Шалон, партнер од Израел.
АСП ПАК со новата инвестиција ги поставува темелите на својата следна развојна деценија. Амбицијата е Охрид да остане не само местото од каде што започнала приказната, туку и центарот од кој ќе се освојуваат нови светски пазари.

