Очите на светската јавност се вперени во Абу Даби, каде што делегациите на Русија и Украина, со посредство на САД, седнуваат на заедничка маса во обид да стават крај на војната.
Трилатералните разговори се одржуваат зад затворени врати и без присуство на медиумите, а ова е прва ваква средба од февруари минатата година. Вашингтон ги смета безбедносните гаранции за Украина и повоените уредувања за клучни прашања во процесот на решавање на конфликтот. Дејствувајќи како посредник, САД се обидуваат да овозможат постигнување договор што би бил прифатлив за двете страни.
Само еден ден пред почетокот на преговорите, американски функционер изјави дека Русија и Украина покажале одредена подготвеност за компромис дури и околу размена на територии, што досега беше една од најголемите пречки за постигнување мировен договор.
Европските претставници нема директно да учествуваат во трилатералните разговори, но ќе отпатуваат во Абу Даби, каде што може да се одржат одделни средби и други форми на дијалог.
Русија, сепак, јасно стави до знаење дека не сака европско учество во преговорите со Украина, чија цел е ставање крај на конфликтот, кој веќе навлезе во својата петта година.

