Делегација на Врховниот уставен суд на Египет, предводена од претседателот Булос Фахми Искендер, вчера оствари билатерална средба со претставници на Уставниот суд на Македонија, на која биле разменети искуства за уставното право, уставносудската заштита и примената на вештачката интелигенција во судовите, соопшти Уставниот суд.
На средбата вчера, одржана во просториите на Уставниот суд, се разговарало за актуелни прашања од областа на уставното право и уставносудската заштита. Претставниците на двата суда размениле искуства за нивните надлежности, организацијата и начинот на работа истакнувајќи ја заедничката цел на двете институции – заштита на Уставот и демократијата, како и ефикасна заштита на слободите и правата на граѓаните.
Во фокусот на дискусиите биле и можностите, но и ризиците од примената на вештачката интелигенција во работата на судовите.
Од Уставниот суд информираат дека со оваа билатерална средба продолжува спроведувањето на Меморандумот за соработка и разбирање, кој двата суда го склучиле во април годинава во Каиро, за време на Деветтиот конгрес на врховните и уставните судови на африканските земји.
Во составот на египетската делегација, покрај претседателот Искендер, биле и заменик-претседателот на Врховниот уставен суд Махмуд Мохамед Али Гонеим, како и шефот на протоколот Мохамед Хасан.
Од македонска страна на билатералната средба присуствувале претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски и судиите д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Мери Дика-Георгиевска, како и советничката за меѓународна правна соработка Татјана Јањиќ-Тодорова.
Билатералната средба се одржала во пресрет на Четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, со кој годинава претседава Уставниот суд на Македонија.
Претседавањето ќе биде заокружено со одржување Меѓународна конференција, на која ќе се обрати и претседателот на Врховниот уставен суд на Египет Булос Фахми Искендер. Тој ќе говори на темата „Извршување на одлуките на уставниот суд од страна на државните власти“.
Неговото излагање е предвидено во рамки на првата сесија на конференцијата, посветена на зголемувањето на јавната доверба во уставните судови.

