Шпанија е во шок и тага по катастрофата кај Толедо, каде што во судир на два воза утрината загинаа најмалку 46 луѓе, а повеќе од 100 се повредени. Несреќата се случи околу девет часот на брзата линија која ги поврзува Мадрид и Севиља, каде што, според информациите, брзиот воз на шпанската државна железница удрил во задниот дел од воз на приватна компанија, кој во критичниот момент стоел на шините. Во двата воза, според информациите, имало повеќе од 500 патници. По сударот, неколку вагони излетале од шините.
Непосредно пред несреќата, сообраќајот во овој дел бил запрен поради проблеми во системот за безбедност. Запрени биле осум возови, кои за кратко добиле потврда дека можат да го продолжат патувањето. Сликите од терен се вознемирувачки. На терен се стотици полицајци, пожарникари и медицински персонал кои им помагаат на повредените.
Шпанските власти ги откажаа сите активности и целосно се мобилизирани за помош, но и за расчистување на причините за трагедијата. Ова е трета железничка несреќа во Шпанија во последната година. Во јануари, во судир на два воза во близина на Кордоба загинаа 40 луѓе. Ден потоа, регионален воз излета од шините кај Барселона. За среќа, во овој инцидент немаше жртви.

