Артан Груби од денес не е врзан за неговиот дом, официјално е слободен граѓанин, а движењето низ државава веќе не му е ограничено. Може да излегува од дома и слободно да шета низ целата земја откако му истече максималниот законски рок за мерката куќен притвор. Освен што веќе може да излегува од дома, сака и да ги има придобивките на секој слободен граѓанин, иако против него се води судски процес за проневера на речиси 10 милиони евра во Државната лотарија.
Иако Артан Груби повторно може слободно да се движи низ Македонија, границите на државава засега остануваат недостапни за него. Пасошот му е одземен, а дали ќе му биде вратен ќе одлучува судот. Одбраната нуди имот вреден 335 илјади евра што, според нив, би требало да биде доволно да се убеди судот дека на Груби треба да му се врати патната исправа која нема да ја искористи за да избега од Македонија за време на судењето. Груби излегува од дома, затоа што според законот, мерката куќен притвор може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог, во овој случај тој беше поднесен на 13 август. Но ова не важи и за мерката претпазливост на чие симнување сега работи одбраната на Груби. Таа мерка законски продолжува да важи и по истекувањето на двата месеца.
Конечниот збор за пасошт на Груби ќе го има судот, земајќи ги предвид сите факти, со оглед на тоа што Артан Груби беше во бегство надвор од државата. Тогаш кажа дека не бега од правдата туку отишол да заврши некоја работа по што веднаш ќе се врател во Македонија. Се врати, но после 14 месеци кога доброволно се предаде на полициските службеници на граничниот премин Блаце. На првото рочиште за случаот Државна лотарија се изјасни за невин. Инаку Груби е обвинет во случајот „Државна Лотарија“ заедно со поранешниот директор Перпарим Бајрами и уште шестмина. Тие се товарат за незаконска набавка на апарати за игри на среќа во текот на 2023 и 2024 година. Според обвинението, тие ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната Лотарија “ во износ од 9,7 милиони евра.

