Билатералните прашања да се решаваат надвор од пристапните преговори за Европската Унија. Во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, расте притисокот од влијателни земји членки на Унијата за промена на пристапниот процес. Како последно, Австрија, Чешка и Словачка, на 7 октомври, преку заеднички „нон-пејпер“ притискаат за промена на стратегијата.
Трите држави, како што пишуваат хрватските медиуми, посочуваат на спорот меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за билатерално прашање што го забавува пристапниот процес на кандидатите за членство. Но, во истиот контекст го ставаат и проблемот што го има Македонија со условувањата и блокадите од страна на Бугарија. Освен клучното барање билатералните спорови да не бидат пречка, овој нон-пејпер оди чекор подалеку од вообичаените повици за забрзување на проширувањето. Трите држави предлагаат постепено вклучување на кандидатите во одредени политики, програми и агенции на ЕУ пред полноправното членство, поедноставно донесување на дел од техничките одлуки и одржување на динамиката на преговорите. Пораката во однос на билатералните спорови е подиректна: тие треба да се решаваат преку директни разговори меѓу државите за да не го попречуваат напредокот на кандидатите.
Еден ден пред објавувањето на нон-пејперот, Европската комисија го објави својот предлог-документ „Подготовки за поширока Унија“. Во него се наведува дека билатералните прашања што не се поврзани со пристапните критериуми треба да се решаваат билатерално или преку меѓународни механизми, додека за дел од чекорите во преговорите би можело да се премине на одлучување со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Конечната одлука за членството и натаму би останала во рацете на сите земји членки.

