Не треба да се плашиме од вештачката интелигенција – треба да ги подготвиме учениците правилно и паметно да ја користат. Иднината во образованието не зависи од современата технологија што ќе ја внесеме, туку од тоа со какви знаења и вредности ќе излезат децата од училишните клупи. Наставниот кадар е со став дека вештачката интелигенција ќе придонесе за поквалитетно образование само доколку се користи со надзор и јасни правила.
„Децата веќе ја користат ВИ за да добијат одговори на прашања, за есеи, се подготвуваат за тестови. Придобивките се големи, му помага на наставникот да подготвува наставни материјали, помага за некои сегменти ако не се разберат, отвора поголема вклученост на наставниците и на учениците“, изјави Александра Петровска, наставник.
Сепак, наставниците сметаат дека учениците треба да научат да размислуваат самостојно и да не ги заменат пишувањето домашни задачи и учењето со „ЧетГПТ“. За да се избегнат ризиците, наставниците се децидни дека вештачката интелигенција треба да се користи исклучиво како помагало за полесно и поефикасно учење преку примери.
„Ако ВИ му напише есеј или даде погрешен резултат, самиот ученик ја промашил работата, не сме го направиле најдоброто. Меѓутоа, ако ВИ ни е за поддршка, тука за проекти, сметам дека тогаш дава поддршка… Не смеат да внесуваат лични податоци, треба да биде под строга контрола на возрасните, треба ние самите да им пружиме практична поддршка за успешно да ја применуваат“, изјави Александра Петровска, наставник.
Како позитивен пример е Основното училиште „Александар Македонски“, кое е опремено со смарт-табли, лаптопи и интернет, а наставниците веќе ја користат вештачката интелигенција како алатка за учење.
„Кога ќе подготвиме преку ВИ интерактивни квизови, визуелно да го доловат, да го видат, усно да го одговараат, со музика, бои, тонови, на смарт-табли, имаме лаптопи, обезбедени сме како училиште, иако тоа не е случај во секое училиште. Се трудиме пристапот или занимацијата да биде повеќе визуелна, им даваме насоки за размислување, да им ги рашириме видиците на размислување, да размислуваат критички“, изјави Александра Петровска, наставник.
Просветните работници предупредуваат да не се користи технологијата уште од најрана возраст, а понатаму употребата да биде исклучиво под надзор на возрасните.
Инаку, надлежните сметаат дека македонското образование е подготвено за новата ера на технологијата.
Во изминативе девет месеци, 195 наставници и професори од 80 училишта ширум Македонија бесплатно поминале обуки и курсеви за користење на ВИ. Тие добија сертификати, а она што го научиле ќе треба да им го пренесат и на своите колеги.

