Со пригодна свеченост, Општина Делчево одбележува 85 години од почетокот на антифашистичкото востание, 11 Октомври.
По тој повод, делегација на Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, претставници од Советот на Општина Делчево, како и претставници од институции, политички партии, здруженија на граѓани, се поклонија и свежо цвеќе положија на споменикот на паднатите борци во центарот на градот.
-Денес со гордост им оддаваме почит на сите борци и херои кои со својата храброст, пожртвуваност и љубов кон татковината ги поставија темелите на слободата и државноста. Нивната борба и жртва нè обврзуваат да ги чуваме вредностите на единството, солидарноста и меѓусебното почитување. Нека 11 Октомври биде потсетник дека само со заедничка работа, одговорност и посветеност можеме да изградиме подобра иднина за нашето Делчево и за нашата Македонија. Во мое лично име и во име на Општина Делчево, ви го честитам Денот на народното востание – 11 Октомври. Нека ни е честит празникот, истакна во честитката до граѓаните градоначалникот Гоцевски.
Во рамките на одбележувањето, членовите на КУД „Гоце Делчев“ преку реферат потсетија на приликите кои претходеа на Востанието, начинот на кој беше реализиран првиот оружен напад во Прилеп и во Куманово и се осврнаа и на значењето на востанието како важен момент во борбата за самостојност на македонскиот народ.

