Повозрасните и хронично болните, како и здравствените работници, задолжително да се вакцинираат против сезонски грип, апелираат надлежните. Минатата сезона во земјава беа регистрирани четири смртни случаи, а ниту еден од починатите не бил вакциниран. Според докторката по семејна медицина Валентина Митров, имунизацијата го намалува ризикот од сериозни компликации, особено кај луѓето кои спаѓаат во ризичните категории.
„Вакцината не нè штити од грип, но помага да поминеме полесно, симптомите да бидат полесни, затоа што кај оние кои имаат белодробни и кардиолошки заболувања грипот може да биде и фатален, но и да имаат потреба од хоспитализација“, изјави д-р Валентина Митров.
Годинава се планирани околу 80.000 дози, од кои 30.000 веќе се пристигнати во земјава. За одредени категории граѓани вакцините ќе бидат бесплатни. Ставовите во врска со имунизацијата се различни.
„Добро е, секој треба да се вакцинира, а тие што примаат вакцина, мислам дека полесно го поминуваат грипот.“
„Ние сме во години, спаѓаме во ризичната категорија и затоа треба.“
„Јас не се вакцинирам, не верувам во нив. Има многу фалш вакцини“, коментираат анкетираните граѓани.
Се очекува имунизацијата да започне во средината на октомври, а претходно граѓаните ќе треба да се регистрираат преку апликацијата достапна на веб-страницата на Министерството за здравство. Годинава набавката на вакцините доцнеше поради тоа што Светската здравствена организација направи истовремена замена на сите три соеви на вирусите на грип, врз основа на проценката дека тие значително еволуирале и се промениле на глобално ниво.

