Грејната сезона почна два дена порано, односно од утринава скопјани имаат топли радијатори.
Од компанијата ЕСМ, која раководи со системот за парно греење во Скопје, соопштија дека во моментов снабдувањето со топлинска енергија се одвива нормално, освен во објектите што се наоѓаат на списокот на затворени објекти. Станува збор за објекти во кои има локални дефекти, кои треба да бидат пријавени и отстранети.
„Важно е да се напомене дека во октомври и во првата половина на ноември, кога временските услови се променливи, испораката на топлинска енергија се регулира во зависност од надворешната температура и атмосферските услови во различни периоди од денот. Кога температурите се пониски, испораката се зголемува, а кога се повисоки, се намалува или привремено се прекинува. Штом надворешните температури повторно паднат под утврдените гранични вредности, системот за централно греење повторно се вклучува“, велат од ЕСМ.
Додаваат дека граѓаните ќе бидат навремено информирани за сите евентуални непланирани прекини во испораката на топлинска енергија.
Причината за пораното започнување на грејната сезона е наглото заладување и спуштањето на температурата под 12 Целзиусови степени. Согласно правилата, во октомври и во првата половина на ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурите. Кога тие се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.

