Единаесет морнари се исчезнати откако дронови потопија товарен брод крај брегот на Бугарија. Ова е втор ваков инцидент во Црното Море за една недела, поради што Бугарија ја повика руската амбасадорка.
Два товарни брода беа погодени од беспилотни летала ноќеска, од кои едниот потона. Бугарија директно не ја обвини Русија, но премиерот Румен Радев рече дека „исходот од ваквите напади е во корист на Руската Федерација“. Москва досега не го коментираше инцидентот.
„Нашата земја нема дефинитивни докази за потеклото на беспилотните летала што се користат во нападите, но нема логика Украина да ги уништува сопствените бродови во Црното Море“, ѝ кажа Радев на амбасадорката на Руската Федерација во Бугарија, Елеонора Митрофанова.
Митрофанова изјави дека ја разбира оваа логика, но не ја исклучи можноста нападите да претставуваат провокација од трета страна. Пред една недела, девет сириски морнари и еден Египќанец исчезнаа во Црното Море откако беше потопен товарен брод во ексклузивната економска зона на Бугарија.

