Сè на половина цена, шопинг-лудило, купи еден, вториот со 70 % попуст… Ја нема еуфоријата од „Црниот петок“ како во светот, но и во Македонија се купува по намалени цени. Гужви, редици и турканици пред продавниците нема, но по трговските центри во главниот град беше видно пораздвижено за разлика од друг обичен ден во неделата.
Направивме обиколка низ Скопје. Некои од купувачите излегуваа со празни раце, други со полни торби. Дел од оние со кои разговаравме и ги прашавме дали попустите се реални велат дека сè било шминка и маркетиншки трик. За други, пак, овој ден бил можност да си купат производи по пониски цени.
За трговците, пак, попустите и цените на нивните производи се реални и тоа не само за „Црниот петок“, туку во текот на целата година.
Голем дел од граѓаните, пак, се одлучуваат да купуваат онлајн. Од Организацијата на потрошувачите алармираат дека попустите можеби не секаде се реални и дека трговците се користат со разни трикови. Оттаму ги предупредуваат потрошувачите да купуваат внимателно и при купувањето преку интернет да користат проверени и безбедни веб-страници.
„Најчесто производите не се со реалниот попуст што е означен. Граѓаните, пред сè, не треба да бидат импулсивни, треба да купуваат пред сè тоа што им треба, а не затоа што е огласено, затоа што е огласена цената. Треба да внимаваат и одреден производ да го проверат во повеќе продавници, да прошетаат, бидејќи еден ист производ што е означен како намален во една продавница може да биде поскап од истиот производ во друга продавница каде што нема намалување“, изјави Татјана Тасевска од Организација на потрошувачи.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека во пресрет и за време на „Црниот петок“ спроведуваат засилени контроли во цела држава, со повеќе од 30 инспекциски тимови на терен.
„Инспекторите проверуваат дали трговците ги почитуваат правилата за формирање и прикажување на цените и дали најавените попусти се реални. Целта е да се спречат евентуални манипулации, измами и доведување во заблуда на купувачите, како и да се обезбеди поголема транспарентност при продажбата“, велат од Државниот пазарен инспекторат.
За разлика од кај нас, во светот „Црниот петок“ често е проследен со огромни гужви пред продавниците, долги редици уште пред нивното отворање, па дури и турканици меѓу купувачите кои сакаат да ги купат производите по најниски цени.

