Надлежните цврсто стојат зад новиот предлог модел на субвенционирање на студентскиот оброк и не гледаат причина за протести, затоа што студентите ќе добијат повеќе права и пакет нови поволности. На овој начин студентите не само што не се оштетени туку напротив добиваат многу повеќе. Проектот се реализира со забрзано темпо, МОН е во постојана комуникација со претставниците на студентските собранија и уверуваат дека наскоро проблемот ќе добие соодветно решение.
„Оттука не гледам причина но секако тие имаат свое право, како ќе одлучат така иако повторувам не гледам логика да протестираш за нешто што ти нудат повеќе, да се крати нешто разбирам, ама ако се нуди повеќе токму затоа што еве гледате и самите тоа не е само декларативно.“– вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Од Министерството посочуваат дека освен што ќе се зголеми сумата на субвенциите за топол оброк на 4500 денари, главниот фокус е ставен на подобрување на студентскиот стандард и условите во образованието.
„Ние се трудиме да ги подржиме сите кои придонесуваат, водејки сериозна сметка со сериозни инвестиции, студентски домови, обезбедување на други услови, лаборатории, знаете колку средства вложивме во научно истражувачката работа, не гледам зошто некој би протестирал против повеќе.“– вели Јаневска.
Инаку Владата најави нов модел на субвенции и поволности за студентите преку ваучери кој би биле достапни на апликацијата „М-услуги“. Од попусти и до 50 проценти за различни услуги, до бенефиции што нема да прекинат за време на летниот распуст, викендите и празниците, а со амбиции во иднина да се користат и надвор од Македонија. Пакетот привилегии нема да биде ограничен само на поддршката за топол оброк, а студентите ќе можат да го користат во текот на целата година.
Студентите пак инсистираат на итно зголемување на износот на студентскиот оброк, а во спротивно најавуваат дека ќе излезат на протест. Со постојното решение секој студент на картичка добива финансиска помош во износ од 140 денари на ден, односно вкупно 840 денари за целата недела.

