Македонија може да очекува стабилна енергетска зима, а граѓаните и натаму да плаќаат електрична енергија по релативно ниски цени. Владата уверува дека прави напори за одржување на стабилноста на енергетскиот систем и покрај притисоците и растот на цените на енергенсите на европските берзи. Во моментов струјата на европските берзи се продава по три пати повисока цена од претходно, додека во Македонија, пред сè поради доброто менаџирање со домашните производствени капацитети, граѓаните досега куртулија од повисоки цени. Премиерот Мицкоски од прва рака денес се увери во функционирањето на производствените капацитети на „РЕК Битола“ и АД ЕСМ, каде што на средба со раководствата разговарал и за актуелните предизвици и плановите за наредниот период.
„Денеска остварив работна посета на РЕК Битола и средба со раководството на РЕК Битола и АД ЕСМ. На работниот состанок разговаравме за актуелните активности, функционирањето на енергетските капацитети, предизвиците и идните планови за унапредување на работењето. Континуираната комуникација, координација и посветеност на институциите и вработените се важни за стабилно функционирање на енергетскиот систем и обезбедување сигурно производство на електрична енергија“, објави претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски уверува дека Владата ќе направи сè што е во нејзина моќ за да нема поскапување на струјата за домаќинствата. За да се задржат цените стабилни во текот на зимата, целта е земјава во најголем дел да се потпира на домашното производство на електрична енергија. За таа цел, трите блока во РЕК „Битола“ треба да бидат подготвени за производство на струја. Јагленот ќе се обезбедува од Косово, а за да се забрза транспортот, се уредува времен граничен премин преку кој ќе поминуваат до 200 камиони дневно на пат кон Битола.
Во правец на исполнување на целта за стабилно производство оди и одличната состојба на ТЕЦ „Неготино“. Термоцентралата досега се чуваше како ладна резерва, но оваа зима се планира повторно да биде вклучена во производството на електрична енергија. За да се обезбеди редовно снабдување со мазут, се реконструира и пругата до ТЕЦ „Неготино“. Така, наместо со камиони, мазутот ќе се транспортира со железница од солунското пристаниште. За таа цел ќе се користат и реконструираните локомотиви на МЖ Транспорт, што треба да овозможи поевтин превоз и пониски трошоци за набавка на суровината.
Според најавите, производството на струја во ТЕЦ „Неготино“ би чинело околу 200 евра за мегават-час, што е значително пониско од актуелните цени на европските берзи, кои се движат меѓу 350 и 400 евра. Владата очекува со активирањето на домашните капацитети и поевтиниот транспорт на енергенсите да се одржи стабилноста на снабдувањето и да се избегне зголемување на цената на струјата.

