Со изградбата на клучните автопатишта низ земјава до побрз проток на луѓе и стоки, повеќе инвестиции, туристи и поголем економски раст. Аналитичарите со оптимизам гледаат на градежната експанзија во Македонија. Велат, со стартот на изградбата на автопатот Букојчани – Кичево, конечно ќе се заокружи целосно трасата од главниот град до најголемиот туристички центар во државава. Дополнително со изградбата на патот од Градско до Прилеп се подобрува значително безбедноста во сообраќајот, а со автопатот Прилеп- Битола се забрзува и локалниот развој. Со оглед на тоа што сите овие инвестиции во патната инфраструктура се повеќегодишни проекти, упатените очекуваат градежништвото и годинава и во иднина да биде главен двигател на економијата. Овој сектор во вториот квартал имаше раст од дури 22%.
За упатените е позитивно што македонски градежни компании по подолг период се главни носители на изградба на најкрупните инфраструктурни проекти. Вклучувањето на „Гранит“ во изведбата на автопатот Скопје – Блаце и на кумановската „Рапид Билд“ која треба следната година да го заврши гасниот интерконектор кон Грција, а да го изгради и оној кон Србија, треба да ја развие домашната градежна оператива.
Премиерот во повеќе наврати со доза оптимизам зборуваше за плановите Македонија да ја подобри својата геостратешка позиција на Балканот, но и во Европа. Тој рече дека со изградбата на автопатиштата, гасните интерконектори со Србија и Грција, пругите, како и на далноводот кон Албанија, Македонија станува важна крстосница што се темели на 4 столба: патната, железничката, гасната и енергетската инфраструктура.

