Драго ми е што имаме закон кој е гласан од сите политички чинители во Собранието, истакна пратеникот Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која даде собраниска „виза“ за предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, по скратена постапка.
На денешната седница беа разгледани и се расправаше за неколку амандмани, дел со технички карактер и интервенции во текстот на законот, како и еден комисиски амандман, но, како што нагласи Пренџов, предложен од опозицијата.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците едногласно го прифатија комисискиот амандман поврзан со членот 10 од законот, со кој се овозможува во рок од три работни дена од денот на објавувањето на ранг листа, незадоволните кандидати да имаат право преку електронска платформа да реагираат до Агенцијата за администрација, Комисијата да ги разгледува приговорите и според дополнувањето во законското ршение, во рок од три работни дена од денот на истекот за приговори да донесе образложение за одлуката и таа да се објави на веб страницата на Агенцијата.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, по скратена постапка, со одлука на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ја продолжува собраниската процедура.

