Ветувања за независно, професионално, ефиканско обвинителство – кандидатите за наследник на Абази пред Советот на јавни обвинители образложија што нудат и каков план имаат за гонење на организираниот криминал и високата корупција. Јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, рече дека наместо програми, на обвинителството му се потребни стручност и поголема проактивност во откривањето на кривичните дела.
„ Јас ја нудам својата стручност во дел на откривање на кривичните дела, тоа е функција која јавниот обвинител ја има запоставено – изјави Лидија Раичевиќ.
Трајче Пеливанов, кој е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, порача дека е свесен за тежината и очекувањата и оти на функцијата не гледа како на привилегија, туку како на обврска да се придонесе за успешна и независна институција.
„Успехот не се мери само со бројот на отворени предмети или поднесени обвиненија, туку преку целосно истражени предмети, судски одржливи докази и враќање на незаконски стекнатиот имот во државната сопственост“, порача Пеливанов.
Зајакнувањето на капацитетите на Истражниот центар во Обвинителството проактивното постапување по предметите поврзани со таканаречените црни листи на меѓународните партнери и интензивирањето на борбата против перењето пари се меѓу главните приоритети што ги посочи Фатон Азизи.
„Приоритет ќе биде зголемена борба против перење на пари во градежништво, криптовалути и други форми“, нагласи Фатон Азизи.
Искра Хаџи Василева, предлага реорганизација на обвинителството, поефикасна работа, посилни финансиски истраги и одземање имот стекнат со криминал.
„Во ова Обвинителство работата е навистина различна од аспект на јавно обвинителските пристапи, од аспект на собирање и истражување, собирање на докази.“
Јован Цветановски, пак, се залага за дигитализација со цел за подобра размена на податоци меѓу институциите.
„Приоритети и целите за овие 4 години се делот на ефикасност на истрагите за висока корупција и перење пари, намалување на бројот на страи и нерешени предмети и јакнење на ресурсите на Истражниот центар и проактивно делување на ОЈО за ГОК.“
Контроверзниот Ислам Абази чиј мандат завршува се враќа во гостиварското вишо обвинителство. Тој зад себе ќе остави истраги што со години тапкаат во место и пријави што фаќаат прашина во фиоки. Од многуте коруптивни скандали поврзани со функционери на ДУИ, тој не успеа ниту еден да расчисти. Новиот шеф загонење на организиран криминал ќе биде избран на 28 октомври со тајно гласање.

