Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи и национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Сашо Петрушевски, денеска оствари средба со специјалната претставничка на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД) за Западен Балкан, Мелита Груевска Грахам.
Средбата, како што соопшти МВР, е во рамки на соработката за спроведување на регионалниот проект „Правична работа и безбедни законски патишта: Зајакнување на управувањето со миграцијата на работна сила во Западен Балкан – ФерПат“.

Проектот е поддржан од Владата на Кралството Холандија, а го координира Канцеларијата на ИЦМПД во Виена. Неговата цел е зајакнување на националната координација, подобрување на меѓуинституционалната соработка и унапредување на механизмите за управување со миграцијата на работна сила во регионот.
Од Министерството за внатрешни работи ја нагласуваат важноста на регионалната соработка и координираниот институционален пристап во справувањето со миграциските предизвици, како и во развојот на поефикасни механизми за управување со миграциските процеси.
Активностите во рамки на проектот „ФерПат“ ќе се реализираат до декември 2027 година, со очекување дека ќе придонесат кон поефикасна координација, развој на интегрирани механизми за управување со миграцијата и унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедуваат надлежните институции.

