Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои ќе се одржат оваа седмица во Бангкок, Тајланд.
Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Ана Митреска и советничката на гувернерот, Весна Стојчевска. Во рамките на годишните средби, делегацијата ќе одржи состаноци со високи претставници на ММФ и Светската банка, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Исто така, гувернерот ќе има свое обраќање на настанот на високо ниво, посветен на регионалниот економски преглед за Европа, во кое ќе се осврне на клучните предизвици и можности за забрзување на економскиот раст, зголемување на продуктивноста и побрза конвергенција на земјите од регионот кон Европската Унија.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за состојбите во глобалната економија, финансиската стабилност, монетарната и фискалната политика, развојното финансирање и предизвиците со кои се соочуваат земјите членки.

