Речиси никој во Македонија, освен нејзините најблиски не знаеја која е 23-годишната кочанчанка Ива Михаилова сѐ до 7 октомври 2025 година. Тоа утро нешто после 9 часот, таа со својот „фолксваген поло“ со бугарски регистарски таблици удира во „Рено“ од Македонски Брод, во кое освен возачот биле уште и тројца сопатници. Повредени биле двајцата возачи, но и тројца сопатници во „реното“. По првичната помош во Кочани, повредените биле пренесени во Скопје. Сепак, од тешките повреди починал 33-годишниот Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен. Јавен обвинител наредил обдукција, а увид извршила полициска екипа од СВР Штип и ОВР Кочани. И тука за прв пат во јавноста се појавуваат иницијалите на Ива Михаилова.
„Несреќата била пријавена претходниот ден во 09:18 часот. Се случила на експресниот пат Штип–Кочани, во близина на селото Горни Подлог. Учествувале „Рено“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од 32-годишно лице од Трубарево, и „фолксваген поло“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од тогаш 22-годишната И.М. од Кочани“, се вели во билтенот на МВР од 8 октомври минатата година.
Одреден период по несреќата, Михаилова завршува со пријава за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Постапката се води пред Основниот суд во Кочани, каде веќе се одржаа неколку рочишта. Против неа има мерки за безбедност, односно забрана за напуштање на државата. Обвинителството тврди дека Михаилова се движела со преголема брзина и навлегла околу 70 сантиметри во спротивната лента. Во таа лента се движело другото возило, кое заобиколувало полициски автомобил што запрел возило за проверка. И тука се случува судирот. Одбраната на Михаилова оспорува два централни елементи – тврдењето за преголема брзина и тврдењето дека Михаилова навлегла во спротивната лента. Велат дека иако таа се движела 84 километри на час, ограничувањето на брзината на тоа место било 90, што за нив не е прекорачување. Исто така, според одбраната, другото возило било тоа што навлегло во друга лента, не тоа на Михаилова.
Дотука станува збор за обично судење како за било која сообраќајна несреќа во Македонија. Сѐ до моментот кога на Михаилова сака да замине од Кочани на среде судење, со изговор дека таму мора да ги лечи раните од сообраќајката. Тогаш на сцена доаѓа нејзината бугарска самосвест, и вмешувањето на бугарските политичари во целиот процес. Иако случајот нема врска со пасоши и државјанства, тие прво, полека, па сега со сета силина од него направија спор меѓу две држави, и се обидуваат во целата работа да ја вклулчат дури и Европската Унија.
„Има земји кандидатки за членки, како на пример, Македонија, каде сѐ уште се прекршуваат човековите права. Ќе го споменам само случајот со Ива Михаилова, млад граѓанин на ЕУ, на кој не му е дозволено право на лекување. Затоа земјите кандидатки треба да станат членки само кога ќе бидат целосно подготвени и не треба да брзаме со тоа“, изјави Станислав Стојанов, европратеник на Бугарија
И така Михаилова станува славна. А која е всушност таа – станува збор за 23 годишна девојка од Кочани која има двојно државјанство. Според бугарските медиуми, еден период живеела, студирала и работела во Софија. Наводно во октомври 2025 година дошла во Македонија за контролен преглед кај ортодонт, кога и се случила кобната несреќа. Сега, се наоѓа во Софија, каде во отуство, наскоро ќе ја слушне пресудата за сообраќајната несреќа во која загина Дурмиши од Љуботен.

