Општина Пехчево денеска беше домаќин на висока делегација од Амбасадата на Народна Република Кина, предводена од Џијанг Сјаојен, кинеската амбасадорка во земјава. На официјалната работна средба со градоначалникот и претставниците на локалната самоуправа беа отворени теми за идна меѓуопштинска и бизнис соработка, развој на туризмот, како и реализација на конкретни проекти од значење за локалната економија.
Посетата се совпаѓа со една година од назначувањето на кинеската амбасадорка на дипломатската функција во земјава, период во кој, како што посочи таа, беа реализирани голем број размени меѓу граѓаните и поддржани бројни културни настани.
– Иако Пехчево не е голема општина, нејзиниот потенцијал е голем. Разговаравме за соработката меѓу општините, културната размена и можностите за бизнис соработка. Отворена сум за сите можности за поддршка на локалниот бизнис и туризмот, а во иднина ќе дефинираме и конкретни проекти што ќе ги реализираме со градоначалникот, Сјаојен по средбата.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански нагласи дека оваа посета отвора нови хоризонти и патишта за идна соработка со Кина, што, како што рече, директно ќе им помогне на локалните стопанственици и на севкупниот развој на општината.
– Општина Пехчево е отворена за соработка со сите. Денешната средба е само почеток на процесот во кој, со поддршка од Народна Република Кина, ќе спроведеме бројни проекти за подобрување на локалната економија, истакна градоначалникот.

Во рамки на официјалната агенда, делегацијата го посети и Меѓународниот пингпонг камп за млади, кој деновиве се одржува во Пехчево со учество на млади спортисти и меѓународни тренери. Амбасадата на НР Кина е традиционален поддржувач на спортските и младинските иницијативи од овој тип, а амбасадорката им посака успех на младите спортски таленти.

