Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, презентираше отчет за реализираното во првата година од мандатот, во кој се опфатени активности и проекти во инфраструктурата, образованието, социјалната заштита, спортот, културата, животната средина и поддршката на локалната заедница.
Ружински во отчетот наведува дека довербата добиена од граѓаните ја прифатил како „голема одговорност и обврска“, со определба работата да биде насочена кон интересите на Општина Берово и нејзините жители.
– Ова не е само преглед на реализирани проекти. Ова е отчет за преземената одговорност, за одлуките што ги донесовме и за насоката во која заедно го движиме Берово, наведува Ружински.
Меѓу позначајните инфраструктурни активности како што додаде тој е започнатата реализација на проектот за изградба на мултифункционална сала во рамки на Домот на културата „Димитар Беровски“.
Тој се осврна и на неколкуте завршени инфраструктурни проекти во градор наведувајки дека во централното градско подрачје изградена е нова пристапна улица – крак од улицата „Мирче Ацев“, а реконструирани се и тротоарите на дел од улицата „Задарска“, каде е уреден и нов зелен појас.
-Изграден е и армирано-бетонски потпорен ѕид на улицата „Маршал Тито“, реконструиран е крак од улицата „Први Мај“, а извршено е и одведување на атмосферските води. Во село Ратево асфалтирана е улицата „Гоце Делчев“, изграден е канал за одведување на атмосферските води и два потпорни ѕида. Во делот на комуналната инфраструктура, извршена е доградба на фекалната канализација во Ромско Маало, втор крак од улицата „23 Август“. Реконструирани се мостовите на реката Брегалница, а оградена и партерно уредена е депонијата за градежен шут на локалниот пат Берово–Абланица–Црвен Брег, додаде Ружински.
Во тек на реализација ги посочи реконструкцијата на крак од улицата „29 Ноември“, реконструкција на крак 1 и крак 2 на улицата „15 Корпус“, изградба на секундарна водоводна мрежа во село Ратево и реконструкција на улицата „2“ во Берово.
Во моментот како што додаде се работи и на изработка на техничка документација за поставување нов фотоволтаичен систем на Пречистителната станица за отпадни води во Берово.
Во изминатиот период како што стои во отчетот на беровскиот градоначалник продолжува и обновата на уличното осветлување, со активности во селата Смојмирово и Будинарци, а во рамки на Програмата за заштита од штетното дејство на водите за 2026 година, исчистено е коритото на реката Брегалница.
Од посебно значење во делот на грижата за најмладите, ги наведе изградените детски игралишта во селата Двориште и Будинарци, како и обезбедувањето услови за бесплатно предучилишно образование за деца Роми во социјален ризик.
Во образованието, според отчетот, подмирен е дел од натрупаните обврски на Средното општинско училиште „Ацо Русковски“, со што се обезбедени услови за негово стабилно и непречено функционирање. Во училиштето се реализираат и проекти во рамки на програмата Еразмус+, додека во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ е реконструирано игралиштето во подрачното училиште во село Митрашинци и поставени се нови светлечки елементи во училишниот двор во Берово.
Општина Берово како што наведува Ружински во отчетот обезбедува и финансиска поддршка за повеќе категории граѓани. Средства се доделуваат за првенец на генерација и најуспешни ученици, за првоодделенчиња и ученици во прва година гимназија, како и за новороденчиња и првородени деца.
Поддршка е предвидена и за млади лица за полагање возачки испит за Б категорија, лица со попреченост и студенти, како и субвенции за клима-уреди, со приоритет за стари лица кои живеат сами.
-Во спортот зголемена е поддршката за ФК „Малеш“ од Берово, ППК „Еклектик“, организација на турнири и реализација на Работнички спортски игри, а континуирано се вложува и во опремата на Територијалната противпожарна единица Берово, која доби специјално противпожарно возило донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње од Република Словенија, додаде Ружински кој се осврна и на социјалната заштита во чии рамки се реализира проект за нега и грижа за стари лица во домашни услови.
Во областа на културата, акцент во отчетот градоначалникот даде на организацијата и поддршката на повеќе настани, меѓу кои тридневната новогодишна програма, одбележувањето на Велигден, настан по повод завршувањето на учебната година и „Етно плоштад фестивалот” и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој овозможува промоција на малешевската традиција, домашните производи и творештвото на локалните изложувачи.
-Во насока на подобрување на животната средина и јакнење на локалната заедница, реализирани се акции за расчистување на депонијата за градежен шут и други еколошки акции. Обезбедени се финансиски средства за проекти на граѓански организации преку јавен повик, а организирана е и работна средба со претставници на локалната бизнис-заедница. Во централното градско подрачје обезбеден е бесплатен Wi-Fi, а формирани се и Локален младински совет, Совет за социјална заштита и Локален совет за превенција, наведува Ружински во отчетот.
Тој посочува дека отчетот претставува пресек на сработеното во изминатиот период, но и основа за активностите што следуваат.
– Особено ми е важно да создадеме општина во која младите ќе имаат причина да останат, да се развиваат, да ги реализираат своите потенцијали и тука да ја градат својата иднина, наведува градоначалникот.
Ружински најавува продолжување на работата со фокус на подобрување на условите за живот, создавање повеќе можности за младите, поддршка на семејствата и отворање нови перспективи за граѓаните на Берово.

