Можам да кажам дека кога се подготвувавме да влеземе во Собранието очекувавме, нормално, лоша состојба во државата; сите ние го живеевме секојдневието на сето она коешто ни го носеше, или би рекла повеќе не ни го носеше претходната влада на СДСM и ДУИ, но верувајте ми дека првиот шок, би рекла во Собранието беше моментот кога требаше да се носи ребалансот на буџетот во 2024 година. И ние очекувавме лоши бројки, но кога го отворивме буџетот и кога видовме дека од основни елементарни потреби на луѓето за живеење не се обезбедени, како што веќе напоменавте, неисплатени плати во Македонски шуми, во Водостопанство, неисплатен К-15, воопшто непредвиден К-15 за работниците. Значи, законски основи по коишто мора да бидат исполнети овие работи не беа предвидени во буџетот, буквално истрошен и испразнет буџет за шест месеци, а треба да има за цела година – рече Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка, во емисијата Колегиум на Алфа телевизија.
Во однос на актуелните економски движења, таа посочи дека позитивните резултати се потврдени со официјални податоци од релевантни домашни и меѓународни институции, како ММФ, Светската банка и Државниот завод за статистика. Таа додаде дека седум последователни квартали со економски раст над 3 % се јасен показател дека Македонија се движи во позитивна насока.
– Успеавме во делот најнапред да го консолидираме буџетот и да ја консолидираме онаа состојба којашто ја затекнавме, и она коешто сега е добар момент, а по коешто, еве не кажувам јас како Драгана Бојковска или како ВМРО-ДПМНЕ, веќе Македонија се движи во позитивна насока. Јас секојпат претендирам да ги споменувам бројките коишто не се извор на партискиот штаб, а многу често знаат Социјалдемократскиот сојуз да си кажуваат бројки, подготвени само од нивниот партиски штаб, туку ги цитирам бројките од ММФ, Светска банка, од ДЗС. И таму укажуваат дека Македонија, особено во делот на економијата, бидејќи ако зборуваме за буџетот неминовно е да зборуваме и за економијата, се движи во добра насока. Самото тоа што веќе седум квартали по ред ние имаме позитивен економски раст од над 3%, значи дека државата ја водиме и економијата ја носиме во една позитивна насока, но наша цел е овој тренд да не застане и покрај геополитичките случувања коишто се случуваат во светот – кажа Бојковска.

