Заштитата на работниците и подобрувањето на условите за стопанствениците се меѓу приоритетите на Министерството за економија и труд, истакна министерот Бесар Дурмиши во денешната објава на неговата Фејсбук-страница.
– Извештајот на Европската комисија бележи дека инспекциските контроли за откривање непријавени работници и нерегистрирани бизниси се зголемени за над 20 отсто во споредба со 2024 година. Непријавената работа ги остава работниците без заштитата што им следува и создава нелојална конкуренција за компаниите што ги исполнуваат своите обврски. Покрај поедноставувањето на постапките за законско работно ангажирање, ќе продолжиме и со контролите за откривање и санкционирање на прекршувањата. Извештајот укажува и на намалување на јазот во платите меѓу жените и мажите од 14,5 на 12,3 отсто – напиша министерот.

Во областа на стандардизацијата, како што се додава во објавата, Институтот за стандардизација има усвоено вкупно 25.230 европски стандарди, односно над 99 отсто од стандардите на CEN/CENELEC.
– Нивната примена им помага на нашите компании да ги исполнат барањата на европскиот пазар и да го подобрат квалитетот на производите – додаде министерот.
Дурмиши, преку социјалната мрежа, порача дека се продолжува без запирање, затоа што вреди секој напор во служба на граѓаните.

