Реклама
Здравство

Филипче: Никој не смее да биде изземен, од нас зависи како ќе се справиме со сето ова

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денес побара целосна, транспарентна и објективна…

Сподели:

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денес побара целосна, транспарентна и објективна истрага за причините на трагедијата во Кочани, со цел да се врати довербата на граѓаните во државните институции.

„Ние сме општество кое е рането. Довербата во институциите е нарушена и ако сакаме да ја вратиме, мора да имаме целосна и транспарентна истрага. Никој не смее да биде изземен, ниту актуелни ниту поранешни функционери или службеници. Ова не е прашање на политика, туку на вистината и правдата. Трагедијата е премногу голема за да дозволиме какви било сомнежи, и ако постои најмала индиција дека некој се штити, тоа би било штетно за целото општество. Затоа апелирам до истражните органи и до Обвинителството редовно да ги информираат јавноста за напредокот на истрагата, за да се спречат шпекулации. Одговорноста треба да биде на секого, на сите нас како граѓани“, изјави Филипче по повод трагедијата во Кочани, при која загинаа 59 млади лица.

Според Филипче, сега не е време за политички пресметки, туку момент кога треба да се покаже човечност, а не да се политизира трагичниот настан.

Реклама

„Не дозволувам да се политизира целиот процес, исто како што нема да дозволиме никој да биде изземен. Како опозиција, внимателно ќе го следиме процесот и ќе се обидеме да го усмериме во вистинската насока. Ние сме одговорна и државнотворна партија. Поддржуваме сите иницијативи кои водат кон разјаснување на случајот и откривање на причините за несреќата“, истакна тој.

Филипче дополнително нагласи дека ситуацијата бара единство во општеството и верба во принципите. Тој посочи дека секоја форма на морална одговорност ќе биде поддржана од СДСМ. Според него, треба да се биде внимателен за потенцијални ризици и кризи од соседството, кои не се потребни за нашето мултикултурно и мултиетничко општество.

„Трагедиите можат да го уништат, но и да го зајакнат една народ. Од нас зависи дали ќе излеземе од ова како држава која учела и донела правда или како општество што дозволило ова да биде заборавено“, изјави лидерот на СДСМ.

Филипче ја искористи можноста да упати сочувство до семејствата на загинатите, на оние кои изгубија свои најблиски во трагедијата која ја потресе целата држава.

Како лекар по професија, тој додаде дека уште од почетокот на несреќата бил во постојан контакт со своите колеги од Клиничкиот центар во Скопје, уверувајќи ги сите што имаат повредени и хоспитализирани, дека сите пациенти се згрижени и се во рацете на професионални и искусни лекарски тимови.

Филипче упати апел до министерот за здравство, Арбен Таравари, да формира мобилни психијатриски тимови од Клиниката за психијатрија и други институции за поддршка на семејствата на повредените и загинатите во трагедијата.

ВИДЕО: