– Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествуваше на Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на шефови на полиции (IACP) во Орландо, САД, каде оствари повеќе средби со високи претставници на американските и регионалните безбедносни институции.
Во рамки на конференцијата, како што информираат од МВР, директорот Јанев остварил средби со Лесли Зиман, висока претставничка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот (INL), Грегори Дукот, директор на ICITAP, и Стив Филдс, помошник-директор на ICITAP при Министерството за правда на САД.
Во фокусот на разговорите биле продлабочувањето на стратешката соработка, јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на оперативната ефикасност преку побрза размена на информации, современи истражни методи, аналитичка обработка на податоци и можности за формирање заеднички оперативни тимови.

Посебен акцент бил ставен на зајакнувањето на меѓународната полициска соработка во борбата против организираниот и транснационалниот криминал.
Јанев разменил искуства и информации со полициски директори и претставници на безбедносни институции од регионот и пошироко, при што била нагласена важноста на меѓусебната доверба, координацијата и заедничкото дејствување.
Директорот на БЈБ остварил остварил средба и со мајор Роберт Анзуето од Канцеларијата на шерифот Џон Мина на округот Оринџ, на која се разговарало за современите полициски практики, соработката со граѓаните и примената на новите технологии во полициското работење.
Во рамки на конференцијата, Јанев го посетил и изложбениот дел, каде што се запознал со најновите решенија во областа на дигиталните технологии, вештачката интелигенција и безбедносната опрема, како можности за натамошна модернизација на македонската полиција.
Учеството на конференцијата е насочено кон зајакнување на меѓународните партнерства и унапредување на оперативната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици.

