Реклама

Синдикатите и работодавачите на маса – наместо минимална плата, се договара решение за плаќање по работен час

Ваучери за храна по примерот на Словенија – ново решение за поддршка на студентите

СБ: Македонската економија со најбрз раст во регионот, Владата ќе продолжи со пробизнис политика

Николоски најави нови два експесни патишта кон Бугарија, железничко поврзување со Албанија

Лична карта и возачка дозвола на мобилен телефон – промоција на М.УСЛУГИ, нова бесплатна апликација

Четворица уапсени за двете убиства во Ѓорче Петров 

Кој ќе седне во жешкото обвинителско столче во Организиран криминал – Во изборната трка учествуваат пет кандидати

„Револуција во кадар“ – ВМРО низ фотографии од 1893 до 1934 година

Договорите на дело да се трансформираат во редовни вработувања во дел од институциите – предлог-закон на ВМРО-ДПМНЕ

Потпишана националната програма за достоинствена работа 2026-2030

Форум на „Унитаб“ во Прилеп – македонскиот модел пример дека производството на тутун има светла иднина

Петмина кандидати во трка за наследник на Абази: Околу 160 обвинители утре го избираат новиот шеф на Организиран криминал

Македонија

Денови на македонска култура во Будимпешта 2026: Есенскиот циклус ги надмина очекувањата

Есенскиот циклус на Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 успешно заврши.…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Есенскиот циклус на Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 успешно заврши. Од 23 до 26 октомври унгарската публика ја запозна Македонија преку вкусовите, музиката и скулптурата, а сите настани беа исклучително добро посетени, стои во соопштението од организаторот на манифестацијата.

Програмата почна на 23 и 24 октомври со Деновите на македонска гастрономија во ресторанот Yugo Resto-Bar во Будимпешта. Главниот готвач Слаѓан Стевковски, заедно со неговиот помошник Филип Тодевски, ни ја донесоа познатата превкусна македонска кујна во Будимпешта.

На 23 октомври посетителите, покрај македонските вкусови, имаа можност да се запознаат со членовите на групата Скопје Виа, да разговараат со нив и да слушнат неколку нивни песни во спонтана атмосфера. Вечерта беше поддржана и овозможена од Yugo Resto-Bar.

Реклама

Концертот на Скопје Виа, одржан на 24 октомври на бродот-сцена A38, ги надмина сите очекувања на организаторите. Бендот, предводен од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски, со своите авторски нумери и обработки на ромски и македонски песни ја запали атмосферата во култниот A38. Вечерта ја отвори унгарскиот дуо Narun (Гашпар Торпе и Бенце Бабчан) со современи, медитативни интерпретации на унгарски и балкански народни мотиви.

Изложбата на скулптури на Никола Смилков, отворена на 26 октомври, предизвика огромен интерес. Галеријата на културниот центар Balkan Heritage беше премала да ги собере сите заинтересирани, а на отворањето присуствуваа многу познати унгарски уметници.

Изложбата ја отвори унгарската писателка Оршоја Карафиат со текстот „Редуцирани ангели“. Инспирирана од скулптурите, таа раскажа приказна за својата баба – досетлива пазарџијка што добива џекпот на среќка и за својот гроб нарачува гранитен споменик со ангели без лица. „Од каде да знам какво лице има ангелот?“, ѝ рекла бабата кога внуката ги побарала цртите. Во еден од ангелите внуката ја препознава самата баба: „Како цел еден живот се згуснува во едно единствено движење.“

На крајот Карафиат признава дека ангелите на баба ѝ ги измислила, но дека средбата со скулптурите на Смилков ги оживеала: „И кога ги гледав овие скулптури, помислив дека и баба ми е само контура, неизбрусено сеќавање. Но сепак тоа е таа, знам, затоа што тоа сеќавање има душа, исто како и фигурите на Смилков.“

Во својот текст Карафиат ги вплете и зборовите на самиот уметник за прилепскиот мермер – „Мермерот не го избрав, мермерот е мојата судбина“ – и за неговите бронзени дела. Таа истакна дека кај Смилков „во едноставноста се крие сложеноста“ и заклучи: „Постојат универзални движења. Форми од кои, иако не се униформни, сепак извира емоција што секој може да ја препознае.“

Изложбата може да се посети до 1 декември 2026 година.

Организаторот Златко Панзов изјави дека манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, која се одржува од 2019 година, секоја година сè повеќе го привлекува интересот на унгарската публика и веќе има изборено високо место во културната понуда на Будимпешта. Тој најави поамбициозна и побогата програма за наредната година и изрази голема благодарност до културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта за одличната соработка.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 почнаа во мај и јуни со изложбата „Синило“ на Јелена Белиќ и со издавањето на музичкиот албум „Македонија“ на групата Будапесме. Манифестацијата ќе заврши во ноември, кога ќе гостува Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт. Таа ќе одржи предавање и ќе ја промовира поетската антологија „Мојата песна се фрла од мост“, а студентите од Лекторатот по македонски јазик ќе изведат музичко-поетски перформанс.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 ги организираат Лекторатот по македонски јазик при Институтот за словенска и балтичка филологија на Универзитетот ЕЛТЕ, Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта. Манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.