Оризопроизводителите од Кочанскиот регион на средба со новиот министер за земјоделство побараа итно решавање на проблемот со ниската откупна цена на оризовата арпа. Велат дека моментално килограм арпа се откупува по цена од 18 до 20 денари, што е далеку под производните трошоци. Поради поскапувањето на нафтените деривати и останатите репроматеријали, бараат утврдување на нова производна цена, како и донесување закон и правилник со кои ќе се регулира откупот и ќе се заштитат домашните производители.
„Ние очекуваме да имаме нова производна цена која ќе изнесува околу 30 денари. За жал, кај откупувачите тоа не поминува и сега се случува оризовата арпа да ја откупуваат по 18 денари. Ние, како оризопроизводители, ќе останеме доследни на нашите барања. Од самиот министер и од Владата ќе бараме да се изготват закон и правилник за откуп на оризовата арпа“, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.
Оризопроизводителите предупредуваат дека со сегашните цени производството е нерентабилно. Поради тоа бараат минимална откупна цена од 35 денари за килограм. Во спротивно, велат, оризот ќе ја доживее судбината на многу други земјоделски култури од кои производителите веќе се откажале.

„Не може производната цена да биде 25 денари, а откупната 18. Барањето беше, а и договорот, откупната цена да биде 25 проценти над производната цена, за да можеме да го одржиме земјоделството. Не да живееме, туку да преживееме. Сега, за 2026 година, откупната цена треба да биде минимум 35 денари. Во спротивно, оризот ќе ја доживее судбината на многу други култури што веќе исчезнаа“, изјави оризопроизводителот Здравко Арсов.
Пред почетокот на новата жетва, која треба да почне за околу месец и половина, оризопроизводителите бараат Владата да помогне во отворањето на странски пазари и во извозот на македонскиот ориз. Според нивните проценки, во амбарите сè уште има околу 10.000 тони непродаден ориз од претходните реколти, што дополнително го отежнува откупот на новиот род.
