Напредокот на терен е очигледен, а зелениот пресврт веќе дава конкретни резултати за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот во главниот град, истакнал министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа за време на денешниот увид во работата на новата когенеративна постројка на „Теса Енерџи“.
Проектот, којшто претставува приватна инвестиција вредна 2,5 милиони евра, влегува во нова фаза на реализација, обезбедувајќи посовремена, поефикасна и значително поеколошка испорака на топлинска и електрична енергија.
– Оваа инвестиција на приватниот сектор во современи и чисти технологии директно го поддржува организираниот одговор против аерозагадувањето. Со преодот на поефикасни енергетски системи драстично се намалуваат загубите на енергија и штетните емисии на гасови, што е клучниот чекор кон обезбедување повисоки еколошки стандарди – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во моментот, над 500 семејства од општините Чаир и Бутел веќе се приклучуваат на новиот систем за централно греење, а покрај домаќинствата, во мрежата ќе се интегрираат и јавни и здравствени установи меѓу кои Специјализираната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир и Основното училиште „Хасан Приштина“.
За граѓаните и институциите исклучително значаен е и директниот економски ефект – топлината што ја испорачува оваа постројка е за 20 отсто поевтина во споредба со алтернативните системи за централно греење – велат од ресорното Министерство.
Министерот Хоџа упатил апел до сите граѓани, домаќинства и деловни субјекти од овој дел на градот да ја искористат можноста за приклучување на новата мрежа, со што директно ќе придонесуваат и за сопствениот буџет и за заедничката борба за почист воздух.

