Народната банка ги известува граѓаните од Прилеп, Охрид и Ресен, кои имаат платежна сметка во „Алта банка“ АД Битола, а не располагаат со платежна картичка, дека утре (7 ноември), ќе биде организиран превоз од овие градови до филијалата на банката во Битола и назад.
– На овој начин ќе им се овозможи полесно да пристапат до средствата на своите сметки и да подигнат готовина. Враќањето до местото на живеење ќе биде откако сите клиенти на банката ќе си ги подигнат своите средства, соопшти Народната банка.
НБРСМ го соопшти и распоредот и местата на поаѓање:
Прилеп: плоштад „Методија Антонов-Ченто“ (пред „Реклами“), во 10 часот;
Охрид: градската автобуска станица, во 11 часот;
Ресен: кај маркетот „Кипер“, во 12 часот.
Народната банка потсетува дека од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени и шалтерите во Тетово и Струмица, каде што граѓаните кои немаат платежни картички ќе може да подигнат до 20.000 денари.

