Десетина компании од Струмица ги претставија можностите за вработување, практикантство и професионален развој на „Саемот за вработување 2026“, организиран од Центарот за истражување и анализи „НОВУС“. Компаниите посочија на недостигот на работна сила, особено во дрвно-преработувачката индустрија и угостителството.
Настанот се организираше во рамки на проектот „Струмица Младинска Иницијатива 2.0“, кофинансиран од Европската Унија преку Младинскиот хаб за Западен Балкан и Турција (YouthHub WB&T).
-Целта на Саемот е да се создаде простор за директно поврзување на младите со локалните компании, организации и институции, како и да се промовираат можностите за вработување, практикантство и професионален развој, рекоа организаторите.
На Саемот своите потенцијали ги претставија десетина компании од Струмица, кои потенцираа дека проблемот со работна рака станува акутен и младите се помалку се заинтересирани за работа.
-Младите се помалку се интересираат за работа во дрвно-преработувачката индустрија. Се трудиме да ги привлечеме, нудиме стабилна работа, можат да научат занает. Нудиме можности за професионален развој, бидејќи нашата компанија постои 36 години – рече Панче Николов од компанијата „НИПРОМ“ од Струмица.
За хотелскиот и угостителскиот сектор постои интерес кај младите и социјалните мрежи најчесто се користат за привлекување на нови работници.
-Хотел „Сириус“ нуди добри услови за работа и професионален развој. Имаме добра средина за работа. Факт е дека имаме проблем, посебно со стручните кадри-келнери, бармени, посебно за во кујна- рече Александар Стоилов од хотел „Сириус“ Струмица.
На Саемот учествуваа претставници од различни компании и организации, кои имаа можност да ги претстават своите активности, потребите од кадар и можностите за кариерен развој на младите.

