Владните анализи покажуваат дека македонските компании премалку ги користат алатките за дигитализација на процесите и вештачката интелигенција. Според министерот за дигитална трансформација Стефан Диновски, компаниите мора да вложат во дигитализација на процесите со цел поголема конкурентност на странските пазари, бидејќи во новото време дигитализацијата не е трошок, туку инвестиција која може многукратно да се врати.
„Она што го покажуваат податоците е дека македонските компании имаат и користат дигитални алатки, но за жал не доволно користат вештачка интелигенција во рамки на процесите на развој, а истовремено не доволно ја користат платформата за електронска трговија, за да ги пласираат своите производи прво во државата, а потоа да станат конкурентни и да испраќат на сандари и во странство. Наша обврска е и таа ја исполнуваме како министерство, преку европските дигитални иновациски хабови ги имаме два, Инофеит и Едигмак, да помогнеме за дигиталната трансформација на компаниите, им дадеме патоказ, решенија и обуки“, изјави Андоновски.
Од друга страна, компаниите од производствената индустрија велат дека воведуваат дигитални процеси, но за нив сè уште е непознаница вештачката интелигенција, ја користат само во делот на административните работи, а најмногу во сегментот на маркетингот.
„Веќе кога ќе се влезе во покомплицирани процеси, внатрешни коишто се поврзани со некои тесни грла, тука веќе треба поголема експертиза и повеќе искуство и подолго време во производство. Таму оди поспоро, бидејќи се работи за процес којшто кај нас е малку покомплициран“, изјави Рубин Зимбаков, сопственик на компанија.
Злоупотребата на вештачката интелигенција е глобален проблем. Единствено за заштита од манипулации потребна е поголема будност бидејќи законските решенија не се доволни. Затоа Македонија до крајот на годинава ќе добие стратегија за поголема отпорност, откако истата ќе ги помине законските ставки.

