Пресушуваат изворите кои со вода за пиење ја снабдуваат цела Струга. Јавното претпријатие „Водовод“ почна со рестрикции, а стружани во одредени периоди остануваат без капка вода. Пумпите се исклучуваат поради неповолната хидролошка состојба и намалената издашност на изворите во Шум и Горна Белица.
„Во овој момент, поради големиот период на суша, изворот во Шум се соочува со намалена издашност, при што сме приморани да правиме рестрикции, т.е. да исклучуваме дел од пумпите за да не дојде до нивно горење. Исто така и горнобеличките извори. Поради тоа, навечер една од пумпите мораме да исклучиме или во текот на денот, бидејќи доаѓа до исцрпување на водата, а со тоа и можност за горење на некоја од пумпите“, вели Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод“ – Струга.
И додека експертите алармираат дека Струга под итно треба да размислува за обезбедување дополнителни количини питка вода, а изворите од Шум да се користат исклучиво како златна резерва, за директорот на водоводното претпријатие трајното решение на деценискиот проблем бара нови проекти и огромни финансиски средства.
И проблемот не е само во количината на вода. Покрај тоа што во моментов квалитетот на водата од изворите во Шум е добар, доколку не се преземат мерки за санација, прашање на време е кога на стружани повторно од чешмите ќе им тече кал и ќе се соочат со забрана за користење на водата. Во февруари годинава, градот еден месец се соочуваше со енормно загадување на водата.
„Сепак, при поголеми врнежи од дожд не се исклучува повторно да дојде до заматување на водата. Сакам да укажам дека стравувањата во овој контекст, поради сè уште незапочнатата санација, се дека има можност да дојде до повторно заматување, што ќе доведе до забрана за користење на водата“, вели Мечкароски.
Во меѓувреме, конечно е доставено барањето до Министерството за животна средина за добивање дозволи за користење на водата од изворите во Шум, каде допрва ќе се утврдуваат заштитните зони.

