Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамки на годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, што годинава се одржуваат во Бангкок, Тајланд, оствари значајни средби со високи претставници на овие меѓународни финансиски институции. На средбите присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Во фокусот на разговорите беа досегашната соработка, тековните активности и проектите што се реализираат во земјава, како и можностите за натамошно зацврстување на партнерството во поддршка на реформите и развојните приоритети на државата.
Посебно внимание на средбите беше посветено на Рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува финансиска и техничка поддршка во износ од околу 700 милиони долари. Во таа насока, акцентот беше ставен на забрзување на реализацијата на овие проекти, поефикасно користење на средствата и постигнување видливи и конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека Владата останува цврсто посветена на спроведувањето на реформите, одржувањето на макроекономската стабилност и подобрувањето на управувањето со јавните финансии.
Претставниците на Светската банка ја поздравија реформската определба на Владата и ја потврдија подготвеноста и во иднина да обезбедуваат силна експертска и финансиска поддршка за стратешките приоритети на земјата.

