Општина Илинден започна со реконструкција на две локални улици во населените места Илинден и Мршевци, во рамки на Програмата за реконструкција, рехабилитација и санација на локални улици и патишта, соопштуваат од локалната самоуправа.
Со градежните активности е опфатена улицата „4“ во Мршевци, во должина од околу 200 метри, како и крак од улицата „8“ во Илинден, во должина од околу 130 метри. На улицата „8“ претходно е изградена фекална канализациска мрежа, со што се создадени услови за целосно уредување на патната инфраструктура на оваа локација.

Оттаму информираат дека дека увид во почетокот на работите извршил градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
Тој по извршениот увид ја истакна важноста на овие инфраструктурни зафати за локалното население, посочувајќи дека реконструкцијата на улиците ќе овозможи поквалитетно и побезбедно одвивање на сообраќајот, подобра пристапност и унапредување на секојдневните услови за живот на жителите.
Од Општина Илинден најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат инвестициите во реконструкција и санација на локалната патна мрежа, во согласност со утврдените приоритети и потребите на граѓаните, со цел рамномерен инфраструктурен развој во сите населени места на општината.

