Струјата нема да поскапи по Нова Година. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата ќе продолжи да прави се цената на електричната енергија за домаќинствата да остане иста. Засега не се планира ниту укинување или пак промена кај тарифните блокови. Енергетската стабилност според него е врвен приоритет за Владата, особено поради предизвиците од најголемата енергетска глобална криза. Тој посочи дека освен ЕСМ, во формирањето на цената учествуваат и дистрибутерот ЕВН и операторот МЕПСО, па допрва треба да се утврди колкави трошоци тие ќе прикажат и како ќе влијаат врз конечните пресметки .
“Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа впрочем го правиме во три регулаторни периоди. АД ЕСМ не е единствена што бара нивелирање на цените, тука се уште неколку компании, тука е операторот, тука е дистрибутерот, тоа е приватната компанија ЕВН. Можеби треба и нив да ги прашате како тие ќе се однесуваат“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Во делот на енергетската стабилност и независност, забрзано се работи на проектите за изградба на гасни интерконектори со Грција и Србија. Оној кон јужниот сосед треба да биде готов во првите 6 месеци од следната година, а кон Србија до крајот на 2028-ма година. Според премиерот, изградбата на гасоводите треба да привлече домашни и странски компании што ќе работат на гас.
„Овие два гасовода ќе значат можност за инвеститори коишто би сакале да инвестираат во производствени капацитети на електрична енергија коишто го користат гасот како погонско гориво, но тоа ќе значи и можност за нас кога ќе стане збор за реконструкција и модернизација на термоелектраните коишто користат јаглен како погонско гориво да можеме да направиме конверзија на гас и така да ги зачуваме работните места и тие објекти да продолжат да произведуваат“ – рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Во моментов цената на струјата на државните електрани до Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум е 65 евра за мегават час. До крајот на ноември АД ЕСМ треба да достави нова понуда. Од другите енергетски компании, Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО не бара корекција, Електродистрибуција немаат наведено нова цена за услугата, додека ЕСМ Енергетика бараат зголемување. Премиерот во неколку наврати посочи дека цената на ЕСМ од 65 евра е неколкукратно пониска од онаа на светските берзи. Во изминатиов период струјата се тргуваше по цени од 200 до 300 евра за магават час.

