Македонија има меѓународни механизми и алатки да ги врати бегалците од правдата Ива Михаилова и нејзиниот татко Симеон, да одговараат во државава, дециден е премиерот Христијан Мицкоски. За однесувањето на Бугарија во случајот со бегството на 23 годишната кочанчанка, ќе бидат запознаени и парнтерите во НАТО. Според Мицкоски источниот сосед треба да ги испорача и двајцата, едниот да одговара согласно пресудата од македонските судови, додека пак Ива да се обиде да докаже дека е невина, како што тврди.
-Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаa во вода координираните напади коишто доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека се води и истрага за целиот случај и јавноста ќе знае како Михаилова на диво ја поминала границата. Се испитува и дали има вмешаност од бугарското МНР и властите во Софија.
-Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија, изјави Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш повтори дека ваквото однесување на официјална Софија нанесува огромна дипломатска штета на Владата на Бугарија. Но вели, тоа е нивен проблем, а наш е и двајцата да се изведат пред лицето на правдата.
Матеја Петровски

