Насилното однесување е во пораст, не само во Македонија туку и глобално, предупредуваат експертите по форензичка психијатрија. Од врсничка агресија и понижување до физички напади и најтешки кривични дела. Експертите укажуваат дека насилството не е болест, туку негативен општествен феномен, чие спречување мора да почне што поскоро, пред да ни се случат жртви. Првите знаци не смеат да се игнорираат. Насилството не е само удар, туку и навреда, закана, омаловажување и игнорирање. Кај децата и младите, агресивното однесување може да биде поврзано со примерите што ги гледаат дома.
„Децата веќе уште во градинка, да кажиме, покажуваат некакво нешто што излегува надвор од едно нормално детско пркосно однесување и заради тоа е потребна едукација и на децата кога се малечки, но вклучувајќи ги најмногу нивните родители, воспитниот кадар којшто работи, како да препознаат некое однесување на некое дете коешто излегува од рамките на едно нормално развојно пркосно однесување, кога веќе поминува во агресија и понатаму, се разбира, во текот на училишниот период, повторно мислам дека во информацијата и во едукацијата е секако клучот, а не отпосле“, вели д-р Славица Арсова Хаџи Анѓеловска, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје.
Не смее да се чека проблемот да ескалира. Превенцијата треба да почне со едукација на децата, родителите и воспитно-образовниот кадар. Важно е навреме да се препознаат промените во однесувањето, без детето да биде етикетирано или изолирано од врсниците.
„Она што треба да знаеме е дека насилството не доаѓа само од себе. Мораме да работиме од основната клетка, од семејството, па понатаму, во воспитувањето на нашите млади луѓе, да работиме, ако сакате, и на општествените и на системските промени во однос на промовирање на некое поинакво дејствување“, вели проф. д-р Антонио Новотни, претседател на Македонското психијатриско здружение.
Ризичните однесувања кај младите не се сведуваат само на насилство. Истражувањата покажуваат дека дополнителен предизвик се употребата на психоактивни супстанции и другите ризични навики кај младите.
„Во тие истражувања, една од илегалните супстанции што најчесто се користи е канабисот, почесто кај момчињата отколку кај девојчињата, и процентот е под 10%, 7% за момчињата, 5% за девојчињата, но на 16-годишна возраст. Не е таква сликата со употребата на алкохол. На таа возраст, на 16 години, цигари, електронски цигари, вепови, кои ги користат“, вели проф. д-р Лилјана Игњатова, психијатарка.
Насилното поведение остава сериозни последици, најмногу кај ранливите категории граѓани, жените, децата, како и лицата со телесни или ментални нарушувања.

