Близу 300 сообраќајни прекршоци за само два дена. Ова е билансот од почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Најчесто се возело побрзо од дозволеното, се минувало на црвено светло, а биле откриени и возила без важечка регистрација. Првичните бројки се предупредување дека непочитувањето на сообраќајните правила и натаму е сериозен проблем.
„Епа, штом толку прекршоци има, сè уште има несовесни, зошто не може преку ноќ да се промени, табиетот не се менува за еден ден. Со овие мерки се надевам дека, ако човек не е совесен, казната ќе го научи не да биде совесен, туку да почитува. Зошто нашиве луѓе надвор од државата се најдисциплинирани, а во нашава дивеат? Тоа треба да се прашаме сите. Не делуваат никакви воспитни мерки, само најголема воспитна мерка, по мене, е џебот, ништо друго. Ваљда ќе има поголем ефект од заштита на човечки животи“, велат граѓаните.
За Охрид, каде што сообраќајниот метеж е секојдневие, особено во туристичката сезона, системот „Безбеден град“ треба да го смени сообраќајниот амбиент и да донесе поголема дисциплина на улиците.
„Охрид, чија густина на сообраќај е евидентна и постојано се зголемува, особено како туристички центар. И особено Охрид, каде што во одредени периоди, не само во шпицот на туристичката сезона, туку и во текот на другите делови од годината, за време на викенди и празници, постојано го чувствуваме тоа и гледаме дека се зголемува сообраќајниот метеж и потребата од превентивен, но и од репресивен дел“, вели Љупчо Милкоски, аналитичар за безбедносни појави.
Фиксни камери се поставени на клучните позиции, каде што во изминатиот период, кога системот беше во фаза на техничко тестирање, се регистрирани повеќе сообраќајни незгоди, дел од нив со жртви.
„Се работи за автопатската делница кај Горенци и Ново Село, Општина Дебрца, каде што во изминатиот период имавме флагрантно кршење на ограничувањето на брзината, односно многу беше надмината дозволената брзина од 100 километри на час, што резултираше со повеќе сообраќајни незгоди, од кои голем дел беа со тешки телесни повреди“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Во туристичките центри Охрид и Струга засега се поставени 40 камери. Видео надзор има и кај аеродромот. Четири камери се поставени на автопатот Кичево–Охрид, помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и Ботун и Ново Село.

