Оваа година за пчеларите е една од најтешките. Повеќето, поради климатските промени, речиси воопшто нема да производат мед. Сепак, интересот за пчеларството не стивнува. Напротив, се зголемува, но не само кај младите, туку и кај жените, беше речено денеска, пред отворањето на првиот Едукативно-технолошки центар за развој на пчеларството во Македонија.
Според пчеларите, се уште клучен предизвик е нелојалната конкуренција и продажбата на фалсификуван мед. Тие порачуваат, потрошувачите да купуваат мед и пчелни производи од познати производители, во кои имаат доверба.
-Од денеска македонските пчелари имаат свој дом. Отворањето на нашиот едукативно-технолошки центар е наменет првенствено за почетниците, но ќе им служи и на искусните пчелари, како и на жените претприемачи во пчеларството. Всушност, во него се добредојдени сите кои се занимаваат со пчеларство. Ова ќе биде место за споделување искуства и собирање знаења. Ќе имаме обуки, теоретски и практични, но, исто така, пчеларите ќе можат да го користат и погонот, изјави директорот на развојната и хумантирна агенција АДРА Македонија, Ванчо Трајковски.

Во Центарот ќе можат практично да се научат напредните технологии за екстракција, преработка и пакување на пчелните производи согласно највисоките хигиенски и технолошки стандарди.
-Целиот овој период имавме голема поддршка од Факултетот за земјоделски науки и храна, од професорите по пчеларство кои дадоа голем придонес во обуките, теоретските и практичните знаења. Поддршка имаме и од словенечката Влада преку Амбасадата на Република Словенија која освен финансиски, не поддржува и на ниво на експертиза. Професори и лица кои се занимаваат со пчеларство во Словенија не посетија неколку пати, ни даваат обуки, имаме многу добра соработка и на тоа поле со словенечката Влада и со пчеларските здруженија од Словенија, истакна Трајковски.
Негова оценка е дека за пчеларење, покрај желба, треба да се има и трпение.

-Заинтересирани млади пчелари има, но ние се трудиме на заинтересираните да им објасниме за што се работи, да знаат дека пчеларството е и одговорна работа, да очекуваат дека поради климатските промени може да се случуваат и загуби. Не е лесно да се биде пчелар поради многу предизвици. Сепак, кога ќе видиме дека луѓето, посебно жените и младите и покрај се, сакаат да продолжат, тогаш ние работиме со нив и има резултати. Пред сè сакаме да ги вклучиме жените, зашто на почетокот, во старите времиња, жените биле пчеларки, а и денес, ако не се главни пчелари, им помагаат на своите сопрузи. Значи интерес има, но треба и многу љубов, трпение и работа. Ние во АДРА имаме 120 почетници и поискусни пчелари. Сега почнуваме нов проект со кој ќе имаме уште 20 нови пчелари, така што ќе стигнеме до бројката од 140. Би кажал и дека бројот на пчелари се зголемува од практична причина, зашто најголем дел од пчеларите се пензионери, напомена директорот.
Како што истакна Трајковски, Македонија нема доволно производство на мед.

-Нашето производство не ги задоволува потребите. Голем дел се покрива со нелојална конкуренција, со мед со сомнителен квалитет. Имаме помало производство, а во исто време имаме непродадени залихи од пчеларите поради, можеби, намален пристап до потрошувачите. Треба да се работи и на тоа поле, а можеби и во законите нешто треба да се смени. За жал, од многу земји се увезува сомнителен мед. Не мора да е со тешки пестициди, но е со вештачки засладувачи, а и самата цена кажува. Не може мед да чини три евра, рентабилната цена за килограм би била од 600 до 900 денари. Нашиот народ сака поефтино. И некогаш знае дека квалитетот е сомнителен, но поради цената купува. Јас никогаш не би купувал мед што ми е непознат. Лично купувам мед од луѓето што ги знам. Не го гледам брендот на медот, туку човекот што го произвел, потенцира Трајковски.
Дополни и дека за да се утврди дали е медот вистински, најдобро е да се провери во лабораторија, зашто декларациите не се доволни.
-Оваа година за пчеларите е една од најкатастрофалните. Почна многу добро, имавме прекрасна флора и одлично цветање, но пчелите не успеаја да соберат нектар за да се развијат доволно. Подоцна имавме и многу врнежи, па пчелите не успеаја да соберат ниту резерви за зимување. Некои микролокации дадоа мед, така да кај некои пчелари може да најдеме мед, меѓутоа кај поголем процент од пчеларите во Македонија немаме мед. Климатските промени си го прават своето. Ние пчеларите мора да се едуцираме, мора да се организираме сите заедно. Имаме пчеларска федерација што се реформираше и работи одлично и се надевам дека сите пчелари ќе сознаат дека мора да се здружуваме, како во здруженија така и во земјоделски задруги пред коишто ќе можеме ние да добиваме и подобар пласман за нашиот мед но и да добиваме репроматеријали за одгледување, изјави претседателот на Здружението за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела „MacBee“, Игор Илков.

И тој, иако пчелар, не може, рече, да препознае дали некој мед е вистински или фалсификуван.
-Фалсификаторите на медот се усовршија максимално, така што, освен со лабораториска анализа, никако поинаку не можеме да дознаеме дали медот спакуван во тегла е вистински. Инаку, последниве години младите пчелари пројавуваат сè поголем интерес за пчеларство, а интересен е фактот дека имаме и се повеќе жени пчелари. Тие не се занимаваат со класично пчеларство, туку произведуваат пчелни производи со додадена вредност – креми, мелеми, мешавини на мед или пчелни производи со јаткасти плодови,… На пчеларските саеми можеме да забележиме сè повеќе нови, млади лица со нови производи кои во светот се произведуваат можеби многу поодамна, меѓутоа сега кај нас сè хит. Оттука, сметам дека македонското пчеларство има иднина со младите, подвлече Илков.
И тој и Трајковски се согласни дека на пчеларството му е потребна поголема поддршка од државата, како и дека пчеларите треба да бидат вклучени во креирањето на политиките во овој сектор.
Како што беше речено на настанот, засега во Македонија има околу 6.000 пчелари, а просекот на производството изнесува околу 10 до 15 килограми годишно по пчелно семејство.Цената на чистиот мед се движи од 500 до 900 денари за килограм, а реалната, рентабилна е околу 900 денари.

На отворањето на првиот Едукативно-технолошки центар за развој на пчеларството во Македонија присуствуваа и деканот на ФЗНХ, Миле Маркоски, како и словенечкиот амбасадор Грегор Прескер.Маркоски потврди дека е се поголем интересот за пчеларење и воедно порача дека напредокот во пчеларството не се утврдува само преку бројот на пчелни семејства и произведените количини мед, туку и преку квалиетот и безбедноста на пчелните производи, примнената на современите технологии, како и знаењето и стручноста на пчеларите. Амбасадорот, пак, укажа на значењето од знаењето, иновациите и претприемачкиот дух.

