Четвртата јавна расправа за Нацрт- Просторниот план на Македонија до 2040 година се одржа денеска во Штип. Раководителот во секторот за просторно планирање во Министерството за животна средина Неби Реџепи изјави дека нацртот го опфаќа развојот на градовите и населените места, енергетиката и земјоделството, водните ресурси, како и заштитата на животната средина. Посочи дека за неговата изработка се подготвени 20 експертски елаборати, а предвидени се решенија и за Источниот Регион.
-На овој стратешки документ Министерството за животна средина и просторно планирање е нарачател, додека изработувач е Агенција за планирање на просторот. Потребата за отпочнување на изработка на нов просторен план, произлезе од самата причина што сегашниот план кој што е во сила, веќе е со поминат временски рок, до 2020 година. Но, согласно законската регулатива, продолжува да се применува се додека не се донесе нов просторен план на државата. Се надеваме дека и денеска овде во Штип ќе имаме конструктивна јавна расправа, добри сугестии, забелешки, предлози и токму тоа е причината зошто денеска сме овде. Забелешките кои ќе произлезат од тука, ние сите заедно треба да придонесеме кон подобрување на содржината на планските решенија, кои ги нуди овој стратешки документ. Просторниот план е многу комплексен и стратешки документ-рече Реџепи.

Во рамки на планот се предвидува изградба на неколку брани, како дел од решенијата за наводнување на земјоделски површини, но и за водоснабдување на населението.
По јавните расправи ќе се анализираат сите забелешки и предлози и потоа врз основа на нив ќе се доработи планот, кој треба да даде правец, во која насока ќе се развиваат регионите во наредните години.

