Во Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево попладнево е поставена изложбата на цртежи „Чекори низ времето: Внатрешниот ритам“ од авторката Марина Убавкова, магистер по архитектура и магистер по ликовни уметности.
Изложбата претставува визуелно патување инспирирано од балетот, кој во уметничкиот израз на авторката е претставен како уметност на рамнотежата меѓу силата и нежноста, болката и возвишеноста. Преку цртежи изработени со графитен молив и моливи во боја, Убавкова ја пренесува својата визија за балетот како симбол на животното движење и човечката потрага по сопствениот ритам.
Централно место во изложбата заземаат мотивите на балерината, нејзините стапала, компасот и часовникот, преку кои се испреплетуваат темите за животниот пат, времето и пронаоѓањето на вистинската насока. Зад грациозноста на секој балетски чекор, како што се посочува во концептот на изложбата, стојат дисциплина, посветеност и истрајност, односно невидливата борба што му претходи на секое совршено движење.
-Балетот во оваа поставка не е претставен само како танц, туку и како метафора за животот, во кој секој чекор носи своја приказна, а времето, движењето и емоциите создаваат единствена хармонична целина, беше кажано на отворањето на изложбата.
Изложбата е реализирана во соработка со Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, а посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат во НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево до 10 ноември 2026 година.
Од установата ги покануваат љубителите на уметноста да ја посетат изложбата и да се запознаат со уметничкиот свет на Марина Убавкова.

