Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево имал средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, и амбасадорот на Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, како и одвоена средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.

Муцунски на Фејсбук соопшти дека на средбите се разговарало за европската интеграција и поддршката на нашите партнери во овој процес, реформската агенда, Планот за раст, регионалната стабилност и безбедност, како и за натамошното продлабочување на соработката.

– Ја нагласив посветеноста на Владата на реформскиот и евроинтегративниот процес, како и важноста од континуиран дијалог и координација со нашите европски партнери по прашања од заемен интерес. Разменивме мислења и за актуелните геополитички случувања во Европа и меѓународните прашања, како и за заедничкиот придонес кон регионалната и европската безбедност и стабилност – објави Муцунски на Фејсбук.


