Во Скопје се одржа настан во рамки на „Evidence Day 2026“, посветен на науката, иновациите и современите трендови во научното издаваштво, на кој учествуваа домашни и странски научници, истражувачи и претставници на академската заедница.
Како што соопштуваат од фондацијата „Кантарот“, организатори на настанот, главен гостин на собирот со кој воедно беа официјално отворени и новите простории на фондацијата, бил професорот Стивен Бојд од Универзитетот Стенфорд, еден од водечките светски научници во областа на конвексната оптимизација и инженерството. На настанот присуствувале и проректорот за меѓународна соработка на УКИМ, Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ, Петре Ламески, и деканот на Економскиот факултет во Скопје, Мијалче Санта.
Организаторите посочија дека средбата овозможила директна размена на искуства меѓу домашната академска заедница и меѓународни научни авторитети, со цел поттикнување на нови партнерства и истражувачки иницијативи.
Во обраќањето, коосновачот на фондацијата „Кантарот“, Никола Стиков, истакнал дека целта е создавање простор за соработка меѓу науката, бизнисот и образованието, како и поддршка за младите истражувачи и унапредување на научното издаваштво.
Тој најави дека во наредниот период ќе се организираат меѓународни предавања, работилници за млади научници и проекти насочени кон популаризација на науката.
На настанот беше најавена и јубилејната петта конференција „Наука за деца“, која ќе се одржи на 6 и 7 ноември и ќе биде посветена на промоција на македонската наука преку работилници, конкурси и менторски активности со домашни научници со меѓународно признание.

