Вкупно 1.803 сообраќајни прекршоци биле констатирани во зајакнатите акциски контроли што Министерството за внатрешни работи ги спроведе во текот на септември годинава, насочени кон возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, соопштува Министерството за внатрешни работи.
Најголем дел од прекршоците, односно 1.478, се однесуваат на некористење заштитен шлем.
Во рамки на контролите, полицијата евидентирала и 132 случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Дополнително, согласно член 300-б од Кривичниот законик, биле одземени 88 мотоцикли.
При контролите биле констатирани и 5.034 други видови прекршоци.
Најмногу прекршоци биле евидентирани на подрачјето на СВР Скопје – 437, по што следуваат СВР Битола со 233, СВР Велес со 213, СВР Струмица со 201 и СВР Тетово со 168 прекршоци. Од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата биле констатирани 154 прекршоци, додека останатите биле регистрирани на подрачјата на СВР Штип, СВР Охрид и СВР Куманово.
Од МВР информираат дека за сите утврдени прекршоци се преземени соодветни мерки согласно законските прописи и најавуваат продолжување на засилените контроли.
Воедно, Министерството апелира до возачите на мопеди и мотоцикли задолжително да користат заштитен шлем, да ги почитуваат сообраќајните правила и да избегнуваат ризично однесување во сообраќајот, со цел поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.

