Венко Филипче останува цврст на ставот дека Бугарија не го негирала македонскиот идентиет, сите што мислеле поинаку ги етикетира како медиуми кои ширеле пропаганда. Повторно не го гледа она што сите го гледаат и не го слуша она што сите го слушаат, покрај со идентитетот, немала проблем со македонскиот јазик. Пак повтори дека уставните измени морало да поминат, а за се што е против неговите гледања виновни биле власта и медиумите кои не му се допаѓаат.
-Како вие се чувствувате како Македонец, како Бугарија ви го загрозила идентитетот, како ви го загрозила идентитетот, еве кажете како. Дали вие поради нечии размислувања се чувстувате поинаку. Ако има бугарско малцинство сосем различно од македонскиот народ, како нашиот идентитет е загрозен. Следно јазикот, како е загрозен, еве каде се јазикот е потврден, во ОН, во Европска Унија, изјави Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски изразува жалење што повторно во Македонија има политичари кои одлучиле да коленичат пред туѓи интереси, наместо да застанат рамо до рамо со Владата, во одбраната на националните интереси.

-Претпоставувам дека претседателот на СДСМ сè уште ужива во оние забави во Дубаи, под импресија на музицирањето на еден српски фолк автор и пеач. И занесен од сето тоа, а богами и заслепен, не успева да види, нити да слушне тоа што се случува од 2022 година па наваму. Односно од моментот кога Владата на СДСМ и ДУИ ја прифати таа историска капитулација, изјави Мицкоски.
Филипче пак повторно реши да дава лекции до медиумите како требаше да информираат, па сега дури и со прст покажа кон екипата на ТВ Алфа, велејќи дека сме ширеле лажни вести.
-Треба да се информира реално јавноста, а не да учествувате пропагандата на премиерот, за креирање внатрешни непријатели и креирате непријатели од соседите од Бугарите и Грците, зошто не е тоа во духот на добрососедските односи. Веднаш ги укина фреквенциите на медиумите кои што ширеа лажни вести, еве дел и тука има кај нас, изјави Филипче покажувајќуи со прст кон Алфа.
Спротивно на тврдењата на Филипче е и официјална Софија како и новиот премиер на Бугарија Румен Радев, кој неколку пати има порачано дека уставните измени се само почеток, а Бугарија ќе има и други услови на европскиот пат.
-Запишувањето на Бугарите во уставот пред почетокот на преговорите е задолжителен но недоволен услов. Не помалку важно е да има јасни механизми и мерливи критериуми за искоренување на повеќе децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја. За обновување на уништените споменици и знаци на бугарштината во таа земја. За зачувување на бугарското културно историско наследство. За искоренување на говорот на омразата. За рехабилитација на сите жртви репресирани само затоа што продолжиле да се нарекуваат Бугари, изјави Радев пред неколку години.
Под палката на СДСМ во партнерство со ДУИ, Зоран Заев, а потоа и Димитар Ковачевски, прифатија се што Бугарија побара. Прво беше потпишан Договорот за добрососедство, потоа го прифатија и францускиот предлог, со кој се согласија на уставните измени, како и билатералните протоколи, со кои се негира македонскиот идентитет, како и многу други отстапки кон официјална Софија, кои станаа услов на европскиот пат на Македонија. Филипче сега вели дека требало да се прифати Резолуцијата која ја предлага неговата партија, а која предвидува уставни измени да се направат веднаш.
Матеја Петровски
