Новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка веќе се финиширани и се очекува во тек на следната недела, најдоцна до крајот на октомври, да бидат испратени во Брисел, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Во вечерашното интервју во емисија на една од телевизиите, Мицкоски појасни дека денеска имале состанок со министерот за правда, со заменикот министер за правда, со луѓето од неговиот кабинет, со работната група и со луѓето од Министерството за правда, и најави дека в понеделник ќе имаат завршен состанок и, како што рече „ако биде се како што треба, до Нова година ќе се најде пред пратениците“.
– Ние како Влада сме извршна власт. Извршната обезбедува услови, сега подготвува нов Кривичен законик, нов Закон за кривична постапка и тоа ќе го испрати во Парламентот. Таму, законодавната власт има право на амандманска дискусија, амандмани, да го дотера и да го гласа или не. И, потоа доаѓаме до судската власт. Сите очи треба да се вперени таму, во судската власт. Таму има многу чесни судии обвинители. За жал, има неколкумина коишто ги контаминираат чесните судии и обвинители… Не е владата, не е парламентот местото каде што треба да се бара правда – изјави Мицкоски.
Со овие реформи, Мицкоски посочи дека Владата сака и ќе обезбеди предуслов да можат тие што треба да ја донесат правдата, а тоа е судската власт, да ја донесат.
– Не сакам да коментирам за да не ми се случи повторно утре да излезат некои и да кажат пак прави притисок и така натаму. Но, кажав што правиме. Правиме закони коишто се дел од реформите, ја враќаме правдата во системот. Е потоа треба обвинителите и судиите да ја спроведат. Ние не сме тие – изјави Мицкоски.
Во однос на изборот за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кој ќе се одржи на 28 октомври, Мицкоски рече дека се апстрахира и апсолутно нема какви било фаворити, посочувајќи дека постапката се одвива преку гласање на кутија од сите обвинители и кандидатот со најмногу гласови победува.

