Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за една од телевизиите, за можноста за предвремени парламентарни избори рече дека се можни, иако Владата работи за целосен мандат од четири години.
Можно е, никогаш не вели никогаш, рече Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како партија секогаш е подготвена за избори.
– Тоа што сакам да го кажам и го кажувам е дека оваа Влада има мандат од четири години. Ние зборуваме за до крајот на мандатот зарем може просечната плата да биде 60.000 денари. Јас велам: може да, може не, но ќе сториме сѐ за да се приближиме до таа граница од 60.000 денари. Така што, ние сме подготвени секогаш за избори како политичка партија, но работиме за целосен мандат од четири години, за што сме го добиле легитимитетот од граѓаните – потенцира Мицкоски.
Тврди дека владината коалиција е стабилна и дека во моментот не размислува за коалиција со други политички партии.
– Апсолутно не размислуваме да менуваме партнери бидејќи досега функционираме одлично. Како ќе биде во иднина, не знам, можеби ќе се јават предизвици кои ќе ја променат состојбата, но во овој момент состојбата е стабилна – рече Мицкоски.
Задоволен е од работата на министрите од редовите на Вреди, а во иднина, како што рече, размислува и во насока во Владата да има и претставник од бошначката заедница.
– Задоволен сум од работата на луѓето од Влен имајќи предвид дека првпат се соочуваат со извршна власт и апсолутно сум позадоволен од капацитетот на тие луѓе отколку од луѓето од ДУИ после 20 години власт, рече Мицкоски.
Прашан дали би коалицирал со ДУИ доколку оваа партија на следните избори има мнозинство, Мицкоски рече дека не може да коментира хипотетички прашања.
За Фатмир Лимани, кој беше сменет со владината реконструкција од функцијата министер за социјална политика, Мицкоски рече дека тој никогаш не пројавил амбиции да биде национален кородинатор во Владата.

