Претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на одбележувањето на 17 Октомври – Денот на Командата за операции, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
Таа ја истакна клучната улога на Командата во одбраната на државата нагласувајќи дека оперативната подготвеност се темели врз знаење, дисциплина и способност за навремено и ефикасно дејствување.
Осврнувајќи се на современите безбедносни предизвици, претседателката укажа на потребата од постојано унапредување на одбранбените капацитети и одржување на високото ниво на подготвеност на Армијата.
За неа, членството во НАТО, усогласувањето со стандардите на алијансата и учеството во заедничките активности се потврда дека нашата Армијата е кредибилен и доверлив сојузник, а јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото треба да бидат принципи и во процесот на европската интеграција.
Сиљановска-Давкова ја истакна улогата на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, како и нивниот придонес во заштитата на граѓаните, потсетувајќи дека доделеното одликување Орден за воени заслуги е признание за унапредувањето на армиските капацитети и зајакнувањето на борбената готовност.
На припадниците на Армијата им оддаде признание за нивната професионалност, посветеност и подготвеност за исполнување на задачите изразувајќи очекување дека и натаму ќе ги надградуваат своите способности и ќе ја оправдуваат довербата на граѓаните.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката.
Почитуван министер за одбрана, Владо Мисајловски,
Почитуван началник на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски,
Почитуван командант на Командата за операции, Мирче Ѓоргоски,
Почитувани генерали,
Почитувани офицери, подофицери, војници и цивилни лица, припадници на Командата за операции,
Почитувани гости,
Чест ми е заедно да го одбележиме 17 октомври Денот на Командата за операции, за мене една од клучните алки во одбранбениот систем на државата.
Да потсетам, како што веќе потсетија, дека уште во далечната 1878 година, Кресненското востание и формираниот востанички штаб ја потврдија важноста на организираното воено дејствување за остварување на историските стремежи на македонскиот народ.
Речиси век и половина подоцна, историските околности се изменети, но обврската за заштита и одбрана на татковината, слободата и сигурноста на граѓаните остануваат. Денес, вие, пред мене и зад мене ја имате мисијата со стручност, професионалност и одговорност да ги браните суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.
Почитувани,
Современите безбедносни предизвици бараат темелно преиспитување на досегашните пристапи кон одбраната. Конвенционалното и хибридното војување, сајбер-заканите, беспилотните системи и вештачката интелигенција креираат нова реалност, во која предвидувањето на ризиците, навременото приспособување и постојаното унапредување на капацитетите се императив.
Подготвеноста на Армијата не се потврдува само преку способноста за соодветен одговор на кризата, туку и преку навремено, ако не и предвремено препознавање на опасностите и ефикасно дејствување во услови на крајна неизвесност.
Членството во НАТО е наша стратешка определба, но и заложба за почитување на принципите на колективната одбрана и солидарност. Со извршувањето на преземените обврски и усогласувањето со стандардите на Алијансата, македонската Армија, вие, покажавте дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник. Нејзината интероперабилност, обученост и учество во заедничките активности се јасна потврда за нашиот голем придонес кон колективната безбедност.
Посакувам јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото да најдат соодветна примена и во процесот на европската интеграција.
Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем, зашто токму во неа се вкрстуваат командувањето, обученоста, организацијата и способноста за дејствување. Оперативната моќ не е само прашање на бројноста и модерната опрема, туку најмногу зависи од знаењето, дисциплината, правилната проценка и подготвеноста за преземање иницијатива. Вистинската вредност на една воена структура се потврдува со нејзината способност расположливите ресурси да ги претвори во усогласено и ефикасно дејствување. А вие токму тоа го правите.
Почитувани припадници на Командата за операции,
Оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група во рамките на вежбата „БЛЕСОК 26“ ја потврди вашата подготвеност за извршување на мисијата, согласно НАТО-стандардите. Учеството во мировните мисии на Обединетите нации, Европската Унија и НАТО, пак, го потврдија придонесот на македонските војници кон меѓународниот мир и безбедност.
Особено значаен е вашиот ангажман при природни непогоди, пожари и други кризни состојби, кога професионалноста и солидарноста ги ставате во служба на заштитата на граѓаните. Во таквите мигови, вашата активност добива човечка димензија, а вие ја докажувате пошироката општествена улога – не само како чувар на државата, туку и како силна потпора на граѓаните во тешки моменти.
Не случајно, по повод Денот на Армијата, на 18 август, ја одликував Командата за операции со „Орден за воени заслуги“. Високото државно признание го валоризираше вашиот несомнен успех во изградбата и унапредувањето на армиските капацитети, како и во јакнењето на борбената готовност. Уверена сум дека одликувањето е не само поттик кон нови професионални дострели, туку и обврска да продолжите да ја оправдувате довербата што ви ја укажува државата и сите ние.
Почитувани,
Како врховна командантка, Ви изразувам длабоко признание за професионалноста и посветеноста. Униформата што ја носите, од една страна е обележје на припадност, но од друга е симбол на верност и почит кон воената професија, татковината, Уставот и граѓаните.
Продолжете да ги надградувате своите способности, продолжете да ја следите динамиката на безбедносните промени и да ја негувате нашата, народната доверба.
Со Вас се чувствуваме безбедни и сигурни.
Нека ви е честит 17 Октомври – Денот на Командата за операции!

