Почна реконструкцијата на улицата „Слободан Јовановски“ во Штип. Во првата фаза од градежните активности се работи на изградба на нови тротоари, додека во втората фаза е предвидено поставување соодветна инсталација, осветлување и подземна инфраструктура, а на крајот и асфалтирање. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на прес-конференција истакна дека инвестицијата на оваа улица се реализира за поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
-Една од активностите која општина Штип ги презема во моментов е реконструкција на улица „Слободан Јовановски“, која во минатото беше една нефреквентна, непрометна улица, периферна, но со текот на времето и развојот на Штип, урбанизирањето на градот се повеќе станува фреквентна улица, која има потреба да биде реконструирана и во име на тоа се започнати активности. Најпрво за изградба на нови тротоари, подоцна за поставување на соодветна инсталација, осветлување, подземна инфраструктура и на крај асфалтирање на улицата. Повеќе од пет милиони денари се одвоени од буџетот на општина Штип за урбанизирање на овој потег. Тоа е потегот од железниот мост на реката Брегалница, до молот, односно Камениот мост – изјави Јорданов.

Тој истакна дека општина Штип работи и на реализација на повеќе инфраструктурни проекти на други локации во градот, а нивната динамика, како што кажа, ќе зависи и од временските услови.
-Во моментов се работи на уште неколку улици во нашиот град. Согласно временските услови, јас се надевам дека ќе не послужат топли денови, за да продолжиме со асфалтирање. Знаете дека населба Леваци е зафатена со градежна активност и таму се довршуваат и последните улици од населбата. Се завршуваат и активностите на паркот „Иднина“, кој согласно временските прилики верувам дека во наредните неколку денови и таму ќе се завршат, за да биде пуштен во употреба. Активностите кои се преземат од страна на Општината се во насока на модернзиирање на нашата општина, создавање на посоодветна инфраструкутра, која ќе соодвествува на новото време и новиот начин на живот – изјави Јорданов.

